Шпанскиот фудбалски репрезентативец Серхио Бускетс останува во редовите на Барселона најмалку до зима 2023 година, јавуваат локалните медиуми. Изминатите денови се појавија информации дека искусниот фудбалер би можел да ја промени клупската средина во јануарскиот преоден рок, но според шпанските медиуми Бускетс одлучил да ѝ остане верен на Барселона.
Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, во изјава за клупската телевизија рече дека големи се шансите Бускетс да го продолжи договорот.
„Пике и Бускетс се играчи кои ја пишуваа историјата на Барселона и влегоа меѓу клупските легенди. Покрај тоа, и двајцата се исклучителни луѓе. Што се однесува до Бускетс, Чави смета на неговите услуги и се залага тој да остане. Се зборуваше за заминување на зима, но сакаме да остане со нас до крајот на сезоната. Секако дека ќе ја почитуваме неговата одлука и ќе му помогнеме во сè што му е потребно. Барса е негов дом”, изјави Лапорта.