Средба Османи – Квинта амбасадори на ОБСЕ:

Северна Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на ОБСЕ

Денеска Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи оствари средба со „Квинта” амбасадори на ОБСЕ од Виена. Станува збор за амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, со кои Османи уште еднаш ја повтори заложбата на Претседателството со ОБСЕ во 2023 година, но и изрази силна благодарност за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на програмата.

Тој се осврна на приоритетите на Претседателството на Северна Македонија за изнаоѓање начини за промовирање на позитивни промени за луѓето, со примарен фокус на теренското присуство на ОБСЕ и поддршка на работата на теренските мисии низ регионот, со цел да можат да продолжат да даваат резултати, особено во актуелниот сложен контекст.

„Нашето мото ‘За луѓето се работи’ ги одразува нашите ориентации и цели како претседавачи со ОБСЕ и Северна Македонија е подготвена да обезбеди политичко раководство на Организацијата, стремејќи се да придонесе во процесите за поголема стабилност кои се клучни за севкупната европска безбедност”, рече Османи.

На средбата со „големата петорка”, меѓу другото, се разговараше и за поддршката кон Украина, за што Османи повтори дека ќе се работи и за обезбедување програмска поддршка со цел да се ублажат страдањата и уништувањата предизвикани од руската агресија, но потсети и дека во рамки на Претседателството, Северна Македонија ќе остане будна и континуирано ангажирана и за другите кризни региони кои бараат постојано внимание.

„Сведоци сме на зголемена тензија во Источна Европа, во Кавказ, во Централна Азија и во нашиот сопствен регион на Југоисточна Европа, како резултат на сегашната агресија. Ќе се обидеме да ги адресираме и нив, согласно приоритетите, колку што е можно во сегашните околности”, рече Османи додавајќи дека и покрај тековните предизвици во нашиот регион, како претседавач со ОБСЕ, ќе се фокусира на агенда којашто може дополнително да ги зајакне напорите за помирување и градење доверба.

„Борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење ќе бидат на врвот на нашата листа на приоритети, бидејќи тоа е заедничка слабост која го загрозува демократскиот и социо-економскиот раст. Ќе се фокусираме и на заеднички ангажман во соочувањето со заедничките еколошки предизвици”, подвлече Османи.

На средбата со петорката амбасадори, Претседавачот Османи изрази благодарност и за нивната политичка поддршка, осврнувајќи се на важноста од изнаоѓање заеднички синергии во контекст на исполнување на вредностите на Организацијата и придвижување на процесите напред, но не оттргнувајќи од принципите и заложбите на ОБСЕ.

„ОБСЕ има многу да им понуди на сите региони во просторот на ОБСЕ за ублажување на тензиите и враќање на критичкиот дијалог. Сите страни мора да го признаат и целосно да го искористат потенцијалот на оваа платформа. Ќе останеме фокусирани на суштинскиот мандат на нашата Организација, а тоа е поддршка за функционална и флексибилна организација, промовирање на човековата безбедност преку поддршка за одржлив економски раст и еколошка соработка, како и поддршка на основните човекови права, толеранцијата и недискриминацијата како предуслови за сеопфатна безбедност”, заклучи Османи. 

Треба да знаете
Последни објави