Општина Охрид и Владата, односно ресорните министерства имаат одлична соработка во однос на спроведување на препораките за зачувување на статусот заштитено подрачје во УНЕСКО, потенцира градоначалникот Кирил Пецаков.
Тој во интервју за МИА посочи дека спроведувањето на дел од препораките за зачувување на статусот во УНЕСКО би чинело колку општинскиот буџет за една и пол година, но оти ги реализираат работите чекор по чекор. Со помош на централната власт, нагласи, работат на реализација на проектот за изградба на регионална депонија во Новаци, со што ќе се дислоцира депонијата од Буково, како една од забелешките на мисијата.
Во однос на проблемот со дивоградбите во крајбрежниот појас и националниот парк „Галичица“ потребно било да заврши изработката на регистарот за дивоградби и да се донесе генерален урбанистички план, во кој треба да се вклопат дел од споменатите објекти.
На охриѓани и оние кои ова лето планираат да го посетат охридското крајбрежје им вети дека ќе направи се да уживаат на уредени плажи, онакви какви што му доликува на Охрид. Локалната самоуправа, нагласи, организира низа забавни содржини кои ќе привлечат што поголем број посетители надвор од таканаречениот шпиц на туристичката сезона, а една од тие е „Фестивалот на вода“, што треба да се одржи во втората половина на август. Покрај Охридскиот пливачки маратон оваа манифестација ќе понуди акватлон, трка со кајчиња, ватерполо, регати со едрилици, со кајаци…, но и вечерни забави.
Во продолжение следува целото интервју со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков:
Охридскиот регион е под мониторинг на УНЕСКО, истекува двегодишниот рок за зачувување на статусот на регионот за спроведување на препораките. Што прави локалната власт за надминување на проблемот со заштитените подрачја?
Како држава и како локална самоуправа имаме одредени препораки и мерки кои во изминатите две години ги спроведуваме. Првично од 2019 година откако се донесе планот за управување на Охрид, сите институции и локални и централни во државата добивме дополнителни мерки и препораки, кои во редовни заеднички координативни состаноци ги гледаме кои до каде се во однос на спроведување. Најбитната работа за мене е дека единствената тема на која имам одлична соработка со централната власт е оваа. Без никакви препреки, без никакви проблеми. Заеднички ги спроведуваме сите работи кои се застапени. Да, има работи кои се поврзани само со локалната. Да, има работи кои се поврзани само со централната власт, но има работи кои се заеднички. Дел од мерките кои треба да се спроведат во Општина Охрид за зачувување на статусот во УНЕСКО по однос на проекти би чинеле 13 до 14 милиони евра, што од прилика е буџет од една и пол година на Општина Охрид. Што значи изискува огромни финансиски средства за да се спроведат, но ние ги започнавме работите чекор по чекор. До крајот на 2023 година ќе ги имаме сите проекти. Повеќе од половина се готови, останува уште два да ги добиеме како финален продукт и она што заеднички треба да го направиме со помош на централната власт е дислокација на регионалната депонија Буково. Во изминатите три месеци, одржани се три состаноци, секој месец по еден, на кои се разговара и се добива одредено темпо на работа што треба да го спроведуваме како локална самоуправа.
Проблемот со дивоградбите години наназад се провлекува, тоа е и една од забелешките на мисијата на УНЕСКО. Посебен проблем се дивоградбите во заштитените подрачја крај езерскиот појас и НП Галичица. Изработен е регистар на дивоградби, се чека донесување на генерален урбанистички план. До каде е овој проект, дали има детален увид во дивоградбите? За кога е планирано нивно отстранување и дали општината има капацитет да се справи со овој проблем?
Регистерот на дивоградби беше често споменуван, посебно во 2020/21 година. Но не е финален. На редовните состаноци со министерствата за транспорт и врски, животна средина и просторно планирање и култура, научив дека не е завршен, не е финален продукт. Но, во препораките од она што табеларно е доставено до Општина Охрид по однос на дивоградбите што се во 50-те метри од езерото и во Националниот парк „Галичица“, откако ќе се заврши регистерот првично е потребно да се види што е возможно да се вклопи во Генералниот, односно деталниот урбанистички план. ГУП-от очигледно е најголемиот проблем на Охрид и генерирањето на овие дивоградби, бидејќи конечната бројка што ќе ја добиеме како дивоградби во Охрид не се однесува за згради, туку најчесто се семејни куќи и куќарки, дури и многу далеку од центарот на градот. Затоа е битно да се види што е тоа што може да се вклопи. Ние почнавме процес кој поминал повеќе од половина пат, а тоа е детални урбанистички планови за 21 село во Охрид, што значи најголем дел од овие објекти ќе бидат инкорпорирани во нивните урбанистички планови и нема да се дивоградби.
Она што ќе остане спорно по носењето на ГУП и ДУП ќе може да се провери дали е можно да продолжи да егзистира понатаму како градба или не. Доколку не, ќе се каже дека ова е нешто кое треба да се насочи. Убеден сум дека тоа треба да е заеднички процес со централната власт, бидејќи Општината и во овој случај не е така финансиски моќна да спроведе акција на чистење, односно рушење на дивоградби. Тука е потребна државата, пред се Министертсвото за транспорт и врски заедно со нашите инспекторати и Државниот градежен инспекторат и да можеме да го решиме и тој проблем. Чекор по чекор, се надевам дека ќе се реши за брзо.
Горлив проблем за охриѓани и регионот е изградбата на регионална депонија, и тоа беше забелешка на УНЕСКО. До каде е овој процес и има ли општината финансиска можност за дислокација на депонијата од Буково?
Општината нема финансиска можност, ниту пак локација каде да ја дислоцира. Но, општините од Југозападниот плански регион заедно со Министерството за животна средина отпочнавме проект за грант преку Светска банка од околу 60 милиони евра. Предвидена и изградба на седум претоварни станици и регионална депонија во општина Новаци. Ќе се формира регионално претпријатие со цел да се подигне грантот, да се изгради регионалната депонија и седумте претоварни станици. Понатаму како ќе функционира тоа регионално претпријатие, дали директно под една општина, во случајот тоа би била Општина Новаци, бидејќи таму ќе биде лоцирана регионалната депонија или ќе биде дадено на јавно приватно партнерство, кое понатаму со депонирање на отпадот би произведувало био гас или слично. Во моментот зависи од добивањето на тој грант. Работите се закочени, бидејќи Општина Новаци имаше едно барање за регионалната депонија да биде на нивна територија, а тоа е да има обиколница и камионите кои ќе депонираат отпад да не се движат низ општината. Проектот го добија со ребалансот на буџетот во декември, а изградбата на обиколницата ја има и во новиот буџет. Процедурата може да почне и зависи од МЖСПП, кога ќе го даде знакот.
Иако туристички центар во земјава, Охрид две години помина без уредени плажи. Презема ли нешто локалната самоуправа за ова лето да ги дочекаме туристите на плажи, онакви како што доликува во еден туристички центар?
Ова е тема, за која немам соработка со централната власт и ми е премногу тешко и да ја разговарам и да ја решавам. Многу состаноци се поминати, но досега не сум излегол во јавност, ниту сум известил колку состаноци сум направил со катастар, Министерство за транспорт и врски и Агенцијата за просторно планирање. Генерално, урбанизирањето на плажите, односно каде Охрид ќе има плажи зависи од Агенцијата за просторно планирање и планот што треба да го донесе. Во неколку наврати имам кажано дека тие не ги добиле ниту подлогите од Влада за да можат да го изработат. Тој план за крајбрежје не го гледам во блиска иднина.
Јас ќе направам се, односно убеден сум дека ова лето онаму каде што веќе има одредени објекти и постоеле плажи ќе можеме да ги издадеме да работат, а понатаму со носењето на планот за охридското крајбрежје ќе знаеме точно на кое место можеме да уредиме плажи, по кои услови и слично. Тие ќе си имаат одредени услови кои треба да ги исполнат. На Охрид дефинитивно му недостигаат плажи. А колку тоа му недостига и колку сум бил во право и пред кампања, и за време на кампања, но и откако сум градоначалник, односно какво е суштинското значење на плажите и што значат уредени плажи на туризмот слушнавме уште на првата посета на Саемот за туризам, лани во Белград. Кога ќе слушнеа дека сме од Охрид единствено прашање им беше тоа. Што е и нормално, на секој што ќе дојде од странство целта му е да оди на уредена плажа и да го помине своето време за одмор на уредена плажа и да може да ужива во Охрид и Охридското Езеро. За нас како град плажите се од суштинско значење и претставуваат дел од туристичката понуда и секако нешто кое Охрид го красело со години.
Тешко е. Не викам невозможно. Можеби изгледа како невозможно, но мора да го завршиме ние како локална самоуправа настрана од централната власт. Силно сум уверен дека ќе ја завршам работата како градоначалник заедно со Советот на Општина Охрид и летово Охрид ќе има уредени плажи.
Колку се подготвени потенцијалните концесионери да инвестираат во исполнување на еко стандардите?
Не е битно дали се подготвени или не се, битно е дека ќе има услови кои ќе треба да ги исполнат.
Најавивте „Фестивал на вода“ во втората половина на август, какви други содржини ќе понуди градот за привлекување повеќе туристи, но и за продолжување на туристичката сезона?
Токму ова е една од работите на која сум посебно горд, што се посветува фестивал на нешто што е изворно, поврзано со Охрид, односно тоа се спортовите на вода. Покрај спортови на вода ќе има презентација на локална храна, локални винарии, забави… Концепт, каде секој кој сака да посети дел од овие настани ќе има можност и вечерта да ужива во Охрид. Тука ќе биде маратонот, акватлонот, трка со кајчиња, ватерполо, регати со едрилици, со кајаци, настани на базен… И други содржини кои ќе се интресни за охриѓани, а привлечни и за туристи, за секој што сака да го посети Охрид. Ова ќе го презентираме на Саемот за туризам во Белград, а преку Охрид трчаТ, кој како изградена институција, која два-три дена нуди богата програма за сите кои се занимаваат со маратонското трчање, „Фестивалот на водени спортови“ ќе го презентираме во соседните, но и останатите Балкански држави.
Покрај оваа содржина, која претставува дополнително привлекување туристи надвор од шпицот на туристичката сезона, ние лани пробавме со организирање „Вино фест“ во септември, кој имаше голема посетеност и позитивен поврат од граѓаните и посетителите. Ќе го има и годинава, а нема да изостанат и останатите содржини кои ги нуди градот, а не се поврзани со локалната самоуправа. Се она што ќе го понудиме надвор од туриситчката сезона, што ќе го измислиме ние или во соработка со партнери ќе биде тоа што ќе носи дополнително гости во градот.
Години наназад во екот на туристичката сезона се води негативна кампања за Охрид, во однос на гостопримство, високи цени, хигиената во градот, немањето јавни тоалети… Што ќе преземе локалната власт да се подигне имиџот во нашиот туристички центар?
За жал, како Македонци гледаме да си наштетиме еден на друг и овие наслови од разноразни портали, незнам колкава штета нанесуваат, но повеќе штетат кај домашните туристи, отколку на странски. Охрид има огромен број туристи од странство. Соодносот странски – домашни туристи во 2022 година е четири спрема еден. Ние сами си штетиме едни на други. За Охрид не можам и не сакам да дозволам да има такви квалификации и дисквалификации. Охрид е дефинитивно бисер на Балканот. Шетајќи низ Европа изминатите години, од тоа што сум го поминал, она што ние го имаме е ценето и препознаено. Очигледно позитивно поминале годините на презентација кога Охрид доста се презентираше. Познат е посебно во поранешна Југославија и е исклучително ценет во меѓународните кругови. Охрид е дефинитивно бисер на Македонија, бисер на Балканот. Не доволно си го цениме, прво охриѓани, а потоа и сите ние во државата не можеме да го сфатиме значењето. Негативните статии само докажуваат какви како личности сме ние Македонците, а не кажува за тоа дали Охрид е добар или лош град. Зголемената бројка на посети на туристи од странство и тоа не зборувам за организираните од Холандија, Полска…, туку сите кои рандом го посетуваат Охрид, зголемената бројка на чартер летови во туристичката сезона се тие кои го полнат градот. Охрид е преубав не само во лето туку и во целата година. И пак ќе кажам што повеќе си го цениме ние, толку повеќе ќе го ценат и другите.
Покрај туристички град, Охрид во последно време се повеќе се индустријализира, се отвораат нови погони, нови фабрики, но тоа како да не е доволно и младите си одат од градот. Имате ли некаква стратегија за задржување на младите тука во Охрид?
За задржувањето на младите во Охрид, но и во Македонија е потребен сериозен пристап. За тоа е потребна централна власт, која силно размислува на таа тема. Не дека ние како локална се изземаме од тоа. Во нашата држава од некаде треба да почне да функционира системот. Кај нас очигледно имаме проблем со функционирање на системот, со одредени светли моменти во нашата историја од 30 години како независна држава. Генерално имаме проблем со функционирање на системот. Најмал проблем, според мене е стандардот, работните места и така натаму. Недовербата во системот, кај институциите е тоа што младите ги брка надвор од државата. Ние мора заеднички да работиме и централна и локална власт да успееме да направиме системот да почне да функционира. Враќањето на довербата во системот ќе доведе останување на младите тука. Значи не е ниту до работните места, ниту до стандардот, колку што е недовербата во системот и нееднаквоста на сите.
Излеговте со богата предизборна програма, колку од ветените проекти се веќе почнати да се реализираат и какви новини да очекуваат охриѓани во наредниот период?
Од ситните работи или оние кои се суштински или во однос на некаква помош или стимулирање од страна на Општината повеќе од 30-40 проценти заклучно со овој буџет се исполнети. Од капиталните, кои беа топ 10 во предизборната програма, за седум веќе е завршена проектната документација, следува фаза на изградба или аплицирање за пронаоѓање финансиски средства. До крајот на септември сите 10 проекти ќе бидат испроектирани и спремни за реализација.
Охриѓани, но и посетителите се соочуваат со проблем со паркирањето во централното градско подрачје. Вашите претходници ветуваа изградба на катна гаража, но тоа не се реализира. Еден од капиталните проекти во Вашата програма беше токму изградбата на катна гаража ќе се реализира ли кончено ова ветување?
Години се зборуваше, меѓутоа јас ќе го направам. Проектот е пред конзерваторско одобрение, кога ќе го добиеме, ќе одиме на одбрение за градба и ќе почне изградба оваа година. Заедно со плоштадот „Крушевска Република“, улицата „Гоце Делчев“ од завршетокот на Старата чаршија до излезот кај стариот пат за Струга, односно до Здружение на возачи, влезот на Охрид од кај Битола, односно реконструкција на кружниот тек кај Електро машинскиот училишен центар до фабриката „Братство“, на улицата „7 Ноември“. Тие ќе се поголеми зафати. Ситните она што веќе го работиме по однос на решавање на канализации, водоводи, асфалтирање улици, сокачиња низ градот е нешто што си оди тековно.
Наесен, односно од септември ќе почне реконструкцијата на плоштадот „Крушевска Република“. Сега нема да отпочнуваме затоа што роковите за градба не излегуваат секогаш онака како што сме планирале, а пред нас е летната сезона. Овој плоштад заедно со плоштадот „Свети Климент Охридски“ е најфрекфентното место во Охрид и не е добро да е раскопано.
Што презема Општината во однос на подобрување на условите во училиштата, што е она што правите за современ образовен процес?
Секојднево работиме и добар дел на буџетот на Општина Охрид го трошиме таму. Каде, ако не кај оние што се најбитни, оние што се иднина на градот и на државата. Она што се случува е повеќе од видливо и голем дел не е презентирано во јавноста. Веќе имам проекти за изградба на две нови училишни згради во основните училишта „Кочо Рацин“ и „Григор Прличев“. Тоа е нешто што сакам да го одбележи мојот мандат. На 1 септември гордо излегов и кажав дека образованието има нула долг, а го наследив со 22 милиони денари. Во економското училиште го завршивме проектот за енергетска ефикасност, кој го наследив. Реализиравме и проекти за промена на начинот на греење, партерно уредување на дворот, изградба на помошни простории и се што беше потребно за училиштето. Сега почнуваме со гимназијата, таму внатрешно опремивме и осовременивме кабинети и тоалети, а сега ќе почне промена на оградата, партерно и внатрешно уредување. Обезбедени се сите работи што фалеа во Електромашинскиот училишен центар, од приспособување тоалети за инвалиди, лифотви, нови клупи и столови, смарт табли. Не постои основно училиште каде не сме почнале санација на санитарни јазли и се што е потребно.
Во однос на образованието, културата и спортот ќе останам силно посветен додека сум градоначачлник со силна финансиска поддршка. Во образованието не се само реконструкциите и подобрувањето на условите. Имаме вистинско вреднување на трудот и на менторите и на оние што освојуваат награди на државни и меѓународни натпревари. Имаме стимулација на сите кои заслужуваат, како и стипендирање на ученици и студенти со ретки болести.
Мене ми е сосема јасно што значи образованието. Знам на кој начин сум се едуцирал, знам колку сум учел, колку сум вложувал во себе и знам како треба сето тоа да продолжи. Наша работа е да ги обезбедиме сите услови, а за образованието и сите фалинки што ги има системот низ годините, убеден сум дека наскоро ќе дојде власт која ќе има визија и идеја како треба во образованието.