Македонската женска ракометна репрезентација на годинашното Европско првенство што се играше во Скопје, Подгорица и Љубљана, забележа три порази (Франција, Холандија и Романија). Општиот впечаток е дека не ги разочара гледачите кои доаѓаа да дадат поддршка во СЦ „Борис Трајковски”.
Токму за овие впечатоци и атмосферата во тимот, МИА разговараше со селекторот на женската ракометна репрезентација, Љубомир Савевски.
Според пласманот, нашата репрезентација заврши на последното, 16. место, но, и покрај тоа, ракометарките добија овации на сите три натпревари. Селекторот вели дека е задоволен од прикажаното на неговите избранички.
– Задоволен сум од борбеноста, исклучителната борбеност, мотивираност. Тоа се гледаше на почетокот, при интонирањето на химната, при играта, нивната желба за победа. Ова, на крај беше наградено од публиката со аплауз и со овации на изненадување на сите нас, затоа што сепак, нели, не победуваш, а публиката е со вас. Тоа покажува дека сепак има интерес за ракометот во женска категорија во Македонија и дека ако успееме да ги ставиме работите во прав колосек, можеме да се надеваме во блиска иднина да ќе учествуваме на другите натпревари и да покажеме добри резултати.
Савевски споделува дека уште на почетокот знаеле дека ја имаат најтешката група, но, тоа не ги спречило да се надеваат на победа.
– Сите три репрезентации беа со олимписки, европски и светски прваци. Рековме дека би биле пресреќни ако успееме да изненадиме еден од противниците. Токму тука ја гледавме шансата на последниот натпревар со Романија. Сите сили ги усмеривме да направиме некое изненадување, да ја победиме репрезентацијата на Романија и да се пласираме во вториот круг. Првото полувреме го одигравме одлично и некаде во 40-45-та минута и потоа, после нашите последователни грешки од еден-два разлика дојде до шест разлика и беше готово.
Целиот разговор со селекторот на женската ракометна репрезентација, Љубомир Савевски, заедно со видео-интервјуто, го пренесуваме во продолжение:
Голем хендикеп за вас беше што не можевте да сметате на Елена Ѓоргиевска. Десната бековска позиција практично ни беше „болна точка”. Дали е ова една од причините за доживеаните порази?
– Ние цела година имавме пријателски натпревари без леваци на десната страна. И пред тоа беше Ѓоргиевска повредена. Сега се повреди и Дуковска од кадетите, она беше еден од кандидатите за десен бег. Тука беа и Кипријановска и младата Младеновска со 15 години. Во секој случај, и да беше Ѓоргиевска тука, секако ќе беше од голема помош нејзиното искуство. Нејзиниот квалитет ќе придонесеше да добиеме поголема сигурност. Кипријановска, Младеновска и Дуковска се иднината на македонскиот ракомет. Тие се релативно млади и јас се надевам дека во догледно време ние ќе имаме три добри левораки играчи кои ќе бидат стожерот на тимот во следните 10-15 години.
Имате поддршка за селекцијата која ја направивте, но, имаше и критики за драстичното подмладување. Останувате ли на курсот на создавање репрезентација која ќе игра заедно во наредните десетина години?
– Ние имаме десетина ракометарки кои играат во странство, од кои три-четири се веќе на залез на кариерата. Мора да се размислува за подмладување. Другите ракометарки што играат во странство се релативно млади, тоа се пет-шест ракометарки кои остануваат во ростерот и останува да ја надополниме таа група од 16 до 20 играчи од домашното првенство. Зашто младите? Кадетската репрезентација на Македонија минатата година го освои првото место на Б првенството на Европа и со тоа овозможи да учествува на Светското првенство кое се одржа во Македонија по отказот на Ерменија, и следната година на Европско првенство 2023 година за кадети. Ова овозможи во истата година и пионерките да учествуваат на Европското првенство. Зошто го говорам ова? Тие играа на медитеранските игри оваа година, 10 од нив играат на медитеранските игри, 16-19 играа на годинашното Светско првенство, следната година ќе играат на Европското првенство, и во 2024 година ќе играат повторно на Светското првенство за јуниорки. По силата на нештата, тие се инфицирани со ракомет и тие ќе напредуваат повеќе и повеќе.
Во полуфиналето и натпреварите за медали гледавме врвен ракомет. Имаше силни дуели и во групните фаза. Колку сме далеку од најдобрите и кој е патот да се доближиме до нив барем на некое ниво кое ќе даде надеж за позитивни резултати?
– Ќе ја поделиме оваа работа на два дела, на нашите носители кои играат во странство и оние што играат во македонското првенство. Ако забележавте, на играчите што играа во сите репрезентации на финалето и полуфиналето, до 6-то место, сите играчи играат видна улога во своите клубови. Играат во Лигата на шампионите, значи на тешки натпревари се калат и напредуваат. Во нашата ситуација не е така. Нашите играчи што играат во странство играат добро во клубовите каде што играат, но, тие делат минутажа со најдобрите играчи од тие земји, значи не се носители на играта. Истото се однесува и на домашните играчи, кои, исто така, делат минутажа. Не сме во ситуација да имаме лидери на екипата. Повеќе лидери кои играат во клубовите прават добра репрезентација. Понатаму, нормално, ќе размислуваме и за еден друг начин, но во оваа ситуација, освен тие 20-ина ракометарки, не можеме. Единствен начин да се успее, освен овие што играат во странство, е да се соберат барем кандидатките што се за овие две години од 2004-2005 во еден клуб, да тренираат под надзор на Федерацијата, на репрезентацијата и да напредуваат онака како што е примерот со машкиот клуб на „Алкалоид”, каде што младинските и кадетските репрезентативци се собраа во еден клуб, и еве, за година дена покажуваат виден напредок.
Со доаѓањето на Живко Мукаетов на чело на Ракометната федерација на Македонија, буквално сите селекции, од најмлада до сениорска, имаат идеални услови за работа. Организацијата на Европското првенство, пак, по пауза од 10 години овозможи и настап на едно од најголемите натпреварувања. Кога може да очекуваме пласман на друго големо натпреварување кое ќе го избориме преку квалификации?
– Доколку успееме да го подигнеме нивото на ракометарките што играат во нашето првенство, а ќе го подигнеме ако бидат во еден клуб и работат максимално, што не може да се случи во клубовите каде што играат, затоа што има две-три ракометарки што отскокнуваат, другите се нормално послаби, не може да се направи еден добар спаринг. Ако се направи таков систем, каде тие млади ракометарки ќе напредуваат заедно со ракометарките што играат во странство, ние можеме да се надеваме за некој поголем успех. Во оваа ситуација, освен да има инцидентно покажување на некој добар резултат. Но, јас не сум некој голем оптимист доколку вака продолжи. Постои еден друг начин, а тоа е да младите ракометарки кои покажуваат добар резултат на светските и европските првенства бидат интересни за големите европски клубови. Ако добиеме таква шанса, да тие играат во големи европски клубови, тогаш ќе направиме, тоа е единствениот начин да се направи добра репрезентација. Или на овој начин да бидат собрани во еден клуб, или младите играчи да напредуваат толку многу за да бидат интересни за големите клубови и да играат видни улоги во европските клубови. Тогаш ќе добиеме квалитетни, врвни играчи кои играат на високо ниво и тоа нивно искуство и квалитет ќе се пренесе во репрезентацијата.
Кои се вашите идни планови поврзани со репрезентацијата?
– Јас сум веќе 14 месеци селектор на сите селекции на женската репрезентација. Мојот договор завршува во септември и имаме џентлменски договор дека доколку успееме да направиме некое помрднување во кое ќе има голема разлика од она што било во последните 10 години, ќе се продолжи соработката. Поврзано е и со ситуацијата во квалификациите за Светското првенство во кои ни се падна репрезентацијата на Украина, која во квалификациите за ова Европско првенство покажа видни резултати, ја победи Хрватска во Хрватска, дома изгуби со еден гол плус и не се пласира, а претходно играше со Франција и до последните три минути водеше два разлика, извонредно јака репрезентација. Многу важна работа тука е континуитетот. Доколку успееме да се пласираме на Светското првенство, тоа е уште еден плус за оваа млада репрезентација. И начинот на кој посочив, да тие млади ракометарки играат на светско, европско, кадетско, јуниорско првенство, единствен начин е да напредуваат на врвните натпревари и со врвни екипи да се напредува во иднина.
Каков системскиот капацитет во однос на овозможување на континуитет и што може да се стори за да се подобри истиот?
– За разлика од ракометот во машка категорија, ракометот во женска категорија е во криза во однос на тоа. Интересот на спонзори, услови, на сè што се сврзува околу она што треба да биде успех на една екипа е многу низок. Имаме многу екипи каде што, јас не знам точно, но гледам по медиумите, имаат од илјада до 1 500 денари месечен надоместок за тој труд што го вложуваат, и тука доаѓаме до судир на интереси. Имаме ситуација кога клубовите се интересираат за ваучери и само да опстанат, дали ги користат, како ги користат, тоа е нивна работа. За разлика од машките, каде што треба уште повеќе спонзори за да постигнат успех и тука нема интерес ниту кај тренери, ниту кај играчи. Кога ќе се воспостави полупрофесионален однос, кога ќе биде полупрофесионален однос и на стипендии, во однос на квалитетни тренери, на тренери кои имаат поголема одговорност и првенството да стане поинтересно, затоа што во оваа ситуација имаме една ситуација кога една екипа победува со 40-45 голови разлика, тоа се три-четири поквалитетни екипи. Но, тоа е многу малку во однос на тоа што треба да биде. Сегашното машко првенство, пак, покажува нешто друго, особено плејофот што ќе биде ќе биде можеби најинтересен од осамостојувањето на Македонија. Ќе имаме осум квалитетни екипи помеѓу кои секоја екипа може да ја победи секоја. Доколку тој начин се преслика во ракометот во женска категорија, може да очекуваме. Но, овој начин како што е сега, на начинот на кој интересот на општеството, градовите и на клубовите кои се инволвирани во ракометот во женска категорија, не очекувам некои големи промени.
Имате и клупски обврски со тимот на Алкалоид кој е вистинско освежување во машката Суперлига. Дали проектот на создавање македонски играчи започнат пред две години е на вистинскиот пат?
– Тука мораме да кажеме тоа е само еден извонреден пример како треба сите да применуваат. Мене ме радува што тоа се случува со Голден Арт, Пелистер и Еурофарм, што имаат две екипи кои имаат можност и млади играчи да добијат шанса, да тренираат на едно високо ниво и да имаат минутажа која носи квалитет. Играјќи во клуб каде што играте 50-60 минути, играчите напредуваат многу повеќе отколку да седат на клупа. Колку и да се талентирани, најдобриот тренинг е добра утакмица. Тој начин на организирање од клуб, еве пример Алкалоид, од кондициони тренери, од помошници тренери, од згрижување на играчите, што подразбира сите услови за живеење од стан, храна, суплементи, високо ниво на организација и високо ниво на тренинзи, мора да дава резултати, и дава. За година дена овие играчи покажуваат голем напредок. Јас се надевам дека ќе продолжат така да напредуваат, но, нормално, треба време. Не може за една година да скокнете пет скалила, се оди една по една. Но, ова е пример како треба сите и треба да е постави од сите структури во државата и сите клубови да се обидат да го прифатат тој модел. Сега имаме ситуација каде еден клуб има седум-осум странци, не би требало никогаш тоа да се дозволи. Покрај мене како селектор ова го нема кај жените. Има некој начин, некои желби кој да биде прв или да освои нешто, ќе повика две-три ракометарки од странство на два месеци пред завршување на првенството, или пред Европско првенство, тоа е катастрофа за ракометот и треба да се сведе на минимум или, пак, на висококвалитетни играчи, репрезентативци кои доаѓаат да го подигнат нивото на квалитет, а не во една екипа да имаме 7-10 странци, а нашите играчи да нема каде да играат.
Кога сме кај ракометот во машка конкуренција, сениорите во јануари ги очекува настап на Светското првенство во Полска и Шведска. Што може да очекуваме од македонската репрезентација на овој Мундијал каде ќе игра во група со Норвешка, Аргентина и Холандија?
– Јас бев привлечен да се вратам во ракометот по проектот на Ракометната Федерација и Кире Лазаров за машката репрезентација. Прво се создаде една група од 40-ина млади ракометари кои се исклучително талентирани, млади и се овозможи оваа репрезентација да се подмлади, и во овој момент покажува евидентен напредок. Но, пак ќе кажам, тоа е еволуција, мора да има процес, не може преку ноќ да бидеме ние први. Имаме тешка група сега. Ги имаме Норвешка, Холандија и Аргентина. Тоа се исклучително силни репрезентации. Доколку ги поминеме нè чекаат Германија, Србија и мислам Катар, почнуваме со тие репрезентации. Тоа се исклучително јаки конкуренции. Но, оваа млада генерација на овие квалификации кои беа како загревање пред Светското првенство покажува дека Ракометната Федерација и Кире Лазаров како селектор се на прав пат и дека само на таков начин ние можеме да фатиме приклучок кон европскиот и светскиот ракомет, начин на тренинг, начин на спроведување на таа ракометна филозофија и истрајност, и нормално, тие играчи да напредуваат.
Селекторот напоменува дека во ракометот, играчите мора да внесуваат нешто свое.
– Не може да чекаат само да дојдат на тренинзи и да одработат, мора да имаат иницијатива да напредуваат, да имаат желба да напредуваат во однос на физичката подготвеност, во однос на прецизност на шутирање, примерот со Дражен Петровиќ кој кажува какво откажување и желба мора да постои кај нив за да напредуваат и да имаат такво поднебје, ситуација во која ќе имаат добри услови.
Неговата порака до најмладите е да тренираат вредно и да се посветат на своето лично усовршување.
– Јас би им препорачал да тренираат вредно, да се посветат многу повеќе на своето лично усовршување, на индивидуалната работа. Затоа што бркањето резултат во клубовите секогаш останува една празнина на индивидуалното работење на играчите. Играчите цело време се спремаат како да победат, како да се освои место кое носи бодови за понатака, за финансирање, за ваучери и тие работи. Се занемарува индивидуалната работа која може секој сам да ја реализира. Едноставно е, на тренинг доаѓа половина час пред време или потоа, шутира по 50 шута, вели тој, порачувајќи да тренираат вредно, да напредуваат и да се изборат да играат 60 минути, само така, како што вели, ќе напредуваат и ќе бидат врвни ракометари и ракометарки.