Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција информираше дека сите македонски ученици кои ги погоди силниот земјотрес во Турција, се во добра состојба, тие во моментов патуваат кон Анкара, каде ќе ја поминат ноќта, а утре тргнуваат за Скопје.
Министерот наведе дека учениците се од Тетово, Гостивар и од општина Маврово-Ростуше.
Османи додаде дека детето кое беше повредено е во добра здравствена состојба и оти нема скршеници. Укажана му е лекарска помош при што е направена е само имобилизација на екстремитет.
-Утринава некаде во два часот по полноќ нашиот дипломат ми испрати слика заедно со учениците, сите се здрави, добри и веќе се тргнати накај Анкара каде што вечерва ќе останат таму и ќе тргнат со автобус за Скопје, сите се во добра здравствена состојба и повредениот којшто добил здравствена грижа е добар без потреба од некаква хируршка интервенција, сите заедно се тргнати, веќе се на пат за Анкара. Очекуваме да стигнат во Скопје па ќе се грижиме за нив, рече Османи.