Општинскиот ревизор потврди дека директорот, кој е претседател на битолскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го користел службеното возило без да има одобрение. Не пријавил никакви трошоци, а ни зошто одел службено во странство
Директорот на битолски „Водовод“, Пеце Милевски, заминал на службени патувања во Грција и Косово без да каже каде оди, ни зошто оди, ни пак дал отчет кај бил откако се вратил и што му била целта на патувањето. Не пријавил трошоци ни за хотел, ни за ручек и не зел дневници. Патувал со службеното возило без да има одобрение за тоа. Ова накусо го потврдил ревизорот кој Општина Битола го прати во ЈКП „Водовод“ и во истиот период во сите други јавни претпријатија под капа на локална власт, откако претседателката на Советот на Битола, Габриела Илиевска јавно во ноември на седница го праша градоначалникот Тони Коњановски – „Кој е директорот на јавно претпријатие во градот кој извршил злоупотреба на службената положба со користење на службено возило за приватни цели во и надвор од државата?“ .
Ревизијата која е направена со цел да се изврши контрола во постапката за користење на службени возила и реализација на службени патување во битолски „Водовод“ покажува дека Управниот одбор донел одлуки за одобрување на службени патувања во странство, но не навел кои се целите на служените патувања во странство, а според Уредбата требало да има вакви податоци. Милевски, како директор, лани патувал еднаш во Косово (14.08.2022) и два пати во Грција (26.08.2022 и 02.09.2022 година).
„Во одлуките што ги донел УО не е наведено кои се целите на службените патувања во странство, не е точно наведено местото на службеното патување и видот на превозот кој што ќе се користи… Не е исплатена дневница за време на службеното патување во странство… За извршените патувања не е поднесена патна сметка за конечна пресметка на вкупно направените трошоци, како и детален извештај за реализација на патувањата и целите на патувањата“, стои во ревизорскиот извештај на Општина Битола, кој „Независен“, го доби преку слободен пристап на информации од јавен карактер.
По ваквото однесување на првиот човек на „Водовод“, ревизорот навел дека –„Евидентирани се репутациски и финансиски ризици во процесот заради отсуство на податоци кои јасно и недвосмислено ги одредуваат задачите и целите на службените патувања“.
Па, по ова ревизорот нотира -„Отчетноста за реализација на службените патувања може да биде ефикасна алатка за превенирање на можни злоупотреби на службените возила во приватни цели“, стои меѓу другото во наодот.
Ревизорот има наод и за користеното службено возило, па наведува дека директорот Милевски заминал во странство без потребните документи-„одобрение за управување на туѓо моторно возило во странство и меѓународна возачка дозвола“.
Од тука ревизорот навел дека директорот Милевски морал да има одобрение за управување на туѓо моторно возило. Македонија ни со Грција, ни со Косово нема потпишано билатерални договори за реципрочно признавање и замена на возачки дозволи.
Ревизорот преку финансиската документација која се однесува на поправка и сервисирање на службените возила дошол до фактури за набавка на резервни делови на службени возила кои не се одобрени од одговорниот на возниот парк. Од тука препорачува да се направат матични картони на возилата и да се знае кој треба да ги одобрува набавките на резервните делови за возилата.
Темата со службените патувања на Милевски, кој е и претседател на битолскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ долго време е тема и за меѓупартиски препукувања во Битола.
Советникот на СДСМ, Борче Корлевски, кажа дека неговата парТија има документи кои потврдуваат дека Милевски како директорот на „Водовод“ со службено возило патувал во странство за приватни цели.
„Дали Пеце Милевски, со службено возило на ‘Водовод’, патувал во Грција за приватни цели? Дали на тоа патување со него биле и членови на неговото најблиско семејство? Што правел Пеце Милевски во Грција во 23 часот навечер со службено возило?“, праша Корлевски.
Директорот Милевски веднаш по отворањето на случајот тврдеше дека патувањата со службеното возило било исклучиво за потребите на јавното претпријатие и со запазени законски процедури и најави дека ако се утврди било каква злоупотреба од негова страна, тој е подготвен да понесе одговорност.
Сега по ревизијата, Милевски вели дека ќе ги уважи забелешките на ревизорот и ќе ги примени, но не смета дека го прекршил законот за да даде оставка од директор.
„Ќе се постапи по препораките од ревизорот и веќе ќе се усвои правилник за начинот на користење и одржување на службени возила на ‘Водовод’ изготвен по примерок на владините служби. Целите на посетите во странство се образложени на УО и затоа не се наведени на самите одлуки. Предмет на ревизија беа само служените патувања, а ревизорот не навлезе во работата на Управниот одбор. Нема правно прекршување на законски процедури, нема злоупотреба“, вели Милевски за „Независен“.
По сето ова се очекува потегот на градоначалникот Тони Коњановски и советниците од битолскиот Совет како ќе ја оценат ревизијата и дали ќе побараат одговорност од Милевски.
Во последните неколку месеци, Коњановски смени тројца директори на јавни претпријатија во Битола кои се под надлежност на општината.
Извор: Независен