Германците пресекоа: со Ханси Флик до крајот на ЕП 2024!
Со денови имаше неизвесност дали селекторот ќе остане на клупата по нов колапс на Панцир дивизијата на Мундијалот и двоиполчасовната средба на првиот човек на Германскиот фудбалски сојуз и актуелниот стратег заврши со одлука 57-годишниот стручњак да остане на клупата, без разлика што поразен се врати од Доха, по само четири освоени бода во групната фаза.
Одлуката на Германците се темели на тоа што ретко менуваат тренери, па затоа решија да му дадат можност на поранешниот соработник Јоаким Лев да ја води репрезентацијата на уште едно големо натпреварување, кое сами ќе го организираат за помалку од две години.
„Убедени сме дека турнирот во нашата земја претставува одлична можност за германскиот фудбал. Сакаме да постигнеме успех на тоа. Затоа имаме голема доверба во Флик и заедно со неговите колеги ќе го предводи Елф во споменатото натпреварување“, објасни по средбата во Франкфурт, Бернд Нојендорф, претседател на германската ФА.
Тоа значи дека само Оливер Бироф во својство на директор на репрезентацијата платил за лошите резултати на еснафот во последните неколку години. Флик дефинитивно останува, бидејќи неговиот договор е со важност до крајот на ЕП. Ќе има тешки задачи. Првата, да се заокружи генерациската смена што беше започната, а не е баш дека блеска на терените во Бундеслигата. Второ, да се најдат соодветни противници на контролните натпревари, бидејќи Германците како домаќини обезбедија пласман на завршниот турнир и затоа во наредната година и пол ќе играат пријателски натпревари.
„Јас и мојот штаб сме оптимисти за ЕП во нашата земја. Убедени сме дека можеме да покажеме повеќе отколку во Катар. Пропуштивме голема шанса во Доха, но ќе извлечеме поука. Сакаме цела Германија да биде со нас на следното големо натпреварување“, додаде Ханси Флик.
Тренерот на Маншафта досега ја водеше репрезентацијата на 19 натпревари, 11 победи, со шест нерешени и два порази, со гол разлика 52:17.