Политичката сцена во Македонија полека но сигурно СДСМ и ДУИ ја претвораат во естрада и на тој начин се губи сериозноста и се губи надежта кај граѓаните во Македонија дека може нешто да биде подобро, бидејќи гледаат како на отворена сцена политичарите се препелкаат за функција повеќе, за тендер повеќе, за некое материјално задоволство повеќе, без суштина и без некаква политика којашто би значела подобар живот за граѓаните во Македонија.
Вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета на општина Петровец одговори на новинарско прашање за евентуалното влегување на Алијансата за Албанците во Владата.
Тој, исто така, додаде дека со влегувањето на АА во владата не очекува да се промени ништо на подобро за народот, освен тоа што ќе има неколкумина побогати политичари кои ќе бидат носители на функции.
„Дали Алијанса ќе влезе или нема да влезе во Владата, тоа е претпоставувам одлука на раководството на Алијанса за Албанците и одлука на коалицијата СДСМ ДУИ и јас не би можел тука што да додадам. Само да кажам дека за десетина месеци колку што имаат пред нив овој состав, оваа влада, еве под услов и да нема предвремени парламентарни избори јас не очекувам нешто да се промени, напротив, работите ќе бидат сѐ полоши. Ќе имаме неколкумина побогати политичари кои ќе бидат носители на функции, сега од редот на Алијанса за Албанците, а народот буквално нема да добие ништо. Но, честопати во политиката треба да барате малку и филозофија и социологија. Јас би сакал малку ова што денеска се случува да го изедначам со една убава игра, а тоа е шахот. Во шахот не е суштината да дадете шах, туку во шахот суштината е да дадете мат. Набргу од денеска ќе бидеме сведоци на еден таков мат кој што ќе го добие оваа влада на ДУИ подржана од СДСМ и сега засилена со неколкумина политичари кои што гледаат како да бидат малку побогати во наредните десетина месеци”, потенцираше Мицкоски.