Истражителка во скопското Обвинителство споделувала податоци за кривични предмети со сопственикот на веб-порталот „Доказ М“. Ова, меѓудругото, го соопшти обвинителот, кој вчера изврши претрес во домот на Марјан Стаменковски. Сега, освен за него, постапка ќе има и за истражителката, која повеќе не е ангажирана во истражниот центар.
„Во наведениот период додека во Обвинителството се водеше постапката против осомничениот, тој искористил лично познанство со лице ангажирано како истражител во Основното јавно обвинителство Скопје, па преку вибер-комуникација се обидел од неа неовластено да дознае информации за преземени истражни дејства во повеќе кривично-правни предмети вклучувајќи го и предметот против него. Обидувајќи се да влијае врз постапката против него, од приватната комуникација со истражителката, без согласност, искористил и објавил лични податоци и фотографии на четворица истражители во ОЈО Скопје, кои поднесоа кривична пријава за злоупотреба на лични податоци од чл. 149 ст. 1 од КЗ. Истражителката, која споделувала податоци со осомничениот, веќе не е ангажирана во истражниот центар на ОЈО Скопје и за неа ќе биде иницирана постапка пред Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи“, велат од Обвинителството.
Засега не се откриваат детали какви фотографии од други истражители се објавени јавно, но и за кои предмети се разменувале информациите. Инаку, сите постапки што се во фаза на истрага и предистрага се тајни. На Стаменковски со претресот му се одземени телефони, компјутери, документација, но и пари за кои од Обвинителството се сомневаат дека се стекнати со правење кривични дела.
Стаменковски се гони за четири кривични дела, меѓу кои и уцена. Пријавители, меѓу другите, се новинарки, свештеници, национална телевизија.