Албанскиот претседател Бајрам Бегај реагираше на инцидентот во кој беше употребено огнено оружје против новинарски дрон и ги охрабри органите на прогонот, со висока одговорност да го следат овој флагрантен случај на нарушување на слободата на говорот, јави државната агенција АТА.
Репортерите од емисијата „Фикс Фаре“ на „Топ чанел“ вчера документираа нелегално ископување на реката Жеза во општина Круја (Северна Албанија), кога се пукало во дронот што го користеле за снимање.
-Со жалење дознав за заканата со оружје, попречувањето и насилството врз снимателската екипа на програмата „Фикс Фаре“ додека биле на должност во селото Никол, општина Круја. Го изразувам мојот гнев за овој тежок чин на насилство врз медиумските работници и го поддржувам шоуто „Фикс Фаре“ за мисијата, храброста и професионалноста што ја покажаа во јавното разоткривање на случаите на корупција и појавите што предизвикуваат загриженост во албанското општество, наведува Бегај во соопштението за јавноста.
Шефот на државата истакнува дека загрозувањето на животот на новинарите при извршувањето на нивните работни задачи не треба да се толерира во едно демократско општество.
Албанската телевизија „Топ чанел“ објави прилог и објави фотографии на кои се гледа како тројца вооружени мажи им се закануваат на новинарите и ги повикуваат да си заминат бидејќи „реката е нивна сопственост“. Исто така снимен е и уште еден вооружен и маскиран маж како ја крши камерата со која се снима нелегалното ископување на реката, им се заканува на новинарите и ги задржува 30 минути, по што тие успеале да избегаат.
Нападот врз екипата го осуди и опозициската Партија на слободата на Илир Мета, како и Агенцијата за аудиовизуелни медиуми.