Основното училиште „Лазо Ангеловски” кое воедно е и најголемо училиште во Општина Аеродром и Македонија, станува целосно инклузивно и достапно за сите ученици. Со инвестиција од речиси 4 милиони денари од буџетот на општината и донација од општествено-одговорна компанија, училиштето ќе биде соодветно опремено за целосна инклузија на сите дечиња.
Откако во изминатиот период училиштето доби инклузивни тоалети, а беа поставени пристапни рампи, знаци и други пристапни елементи, со оваа инвестиција ќе биде изведена целосно нова сензорна соба, како и пристапен лифт за учениците со попреченост.
Оваа инвестиција, претставува уште еден важен чекор кон создавање на услови за соодветен развој и безгрижно детство на сите дечиња.
„Градењето инклузивна општина е обврска која ја поставивме пред нас. Оваа инвестиција во ООУ „Лазо Ангеловски” е од големо значење за учениците со попреченост, но и важна за нас како општина затоа што правиме значаен чекор напред во обезбедувањето еднакви услови за сите ученици. Благодарност до општествено-одговорната компанија што даде свој придонес во инвестициите во проекти за дечињата, со кои се создаваат услови за соодветен развој и безгрижно детство”, истакна градоначалникот Тимчо Муцунски при денешната посета на училиштето.