Албанија со најниска минимална плата во Европа, разликата со земјите од регионот се продлабочува

 Минималната плата во Албанија иако постојано се зголемува и понатаму останува најниска споредено со земјите на Европа, констатира весникот „Монитор“.

-Според најновите ажурирани податоци на Евростат, на почетокот на 2023 година минималната плата во Албанија изнесувала 297 евра. Оваа плата е за 17 проценти пониска од онаа во Северна Македонија, за 45 проценти пониска во Србија, каде ниту еден вработен не добива помалку од 460 евра во 2023 година, додека пак во Црна Гора минималната плата е 533 евра, наведува весникот во својата анализа.

Споредено со почетокот на 2018 година, од кога Евростат ги објавува податоците, значително е продлабочена разликата меѓу минималната плата во Албанија и другите земји од регионот, кои ја применуваат оваа практика.

-Во првите шест месеци од 2018 година минималната плата во Албанија беше за 100 евра пониска отколку во Црна Гора, Северна Македонија и Србија. На почетокот на оваа календарска година, минималната плата во Србија е за 192 евра повисока отколку во Албанија, додека вработен во Црна Гора добива минимум 234 евра повеќе од минимална плата во Албанија. Црна Гора значително ја зголеми минималната плата во последните две години, од 331 евро на крајот на 2021 година на 532 евра во моментов. Дури и во Србија минималната плата е 460 евра, од 366 евра на крајот на 2021 година, додава весникот.

Истите разлики важат и за просечната платa во регионот, кои, според претходното истражување на „Монитор“, во Албанија таа е пониска за 40 отсто споредено со другите земји од регионот.

Моментно минималната плата во земјава е на ниво од 34 илјади лека а нови зголемувања за годинава најави премиерот Еди Рама во Собранието, за време на расправата за буџетот за 2023 година.

-Повторно ќе го зголемиме износот на минималната плата, која годинава ја зголемивме двапати. Во првата половина од годинава ќе има зголемување од 2.000 лека и ќе изнесува 36 илјади, а во втората половина на годината ќе има уште едно зголемување, со што минималната плата ќе достигне 38 илјади лека, изјави тогаш Рама.

Минималната плата во оваа земја последен пат беше зголемена во септември минатата година. 

Треба да знаете
Последни објави