Европската Унија се надева дека одлуката за протерување на германскиот амбасадор од државата може да биде ревидирана, изјави портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.
Германскиот амбасадор во Венецуела, Даниел Кринер има 48 часа да ја напушти земјата, поради тоа што му помогнал на лидерот на опозицијата и привремен претседател Хуан Гуаидо, да се врати во Венецуела.
– Жалиме што германскиот амбасадор е под притисок да ја напушти земјата, и покрај тензичниот и комплексен контекст, ЕУ силно сака да ги задржи отворени каналите на комуникација, вклучително и со владата на Мадуро, и ЕУ се надева дека одлуката може да биде ревидирана, истакна Коцијанчич.
ЕУ, рече таа, е посветена на изнаоѓање мирно и демократско решение, „како што покажува нејзината водечка улога во етаблирањето на контакт групата, во која активно членува Германија”.
ЕУ неодамна создаде контакт група за Венецуела со цел да помогне да се надмине кризата во Венецуела, откако голем дел од меѓународната заедница одби да ги признае како фер и слободни претседателски избори на кои беше реизбран Николас Мадуро.