Стаменковски тврди дека не е виновен

Сопственикот на „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, пред судијата Пајазит Пајазити во Кривичниот суд, каде му е одредена мерката притвор, негирал вина за четирите кривични дела меѓу кои е и уцена, дознава „Макфакс“.

Тој кажал дека ќе ја докаже невиноста, дека нема забелешки за полицијата која му правеше претрес во домот, не му се заканувале ниту го присилиле да направи нешто.

Неофицијално, судот прифатил дека тој може да избега, како што кажал обвинителот, бидејќи порталот може да го раководи од различни локации, не живее на пријавената адреса, а пријавата е за повеќе кривични дела.

Адвокатот на Стаменковски, исто така го убедувал судијата Пајазити дека мерката притвор е престрога. Сметал дека ако на Стаменковски му се забрани пристап до социјални мрежи и работа на порталот – тој тоа ќе го почитува и мерката ќе даде резултат. Се повикал и на здравствената состојба на осомничениот, кој кога ќе се вознемирел, имал покачување на притисокот.

Сепак, за судијата ова не било уверливо и решил да одреди осум дневен притвор.

Според извори на „Макфакс“ при одредување на мерката притвор, судијата Пајазити, посочил дека ако Стаменковски биде пуштен на слобода може да ги повтори делата. Сметал дека има и познанства со различен профил на лица. Според судијата, поблага мерка немало да даде резултат.

Претходно, јавен обвинител побара притвор за Стаменковски. На товар на осомничениот му се ставаат повеќе кривични дела сторени од позиција сопственик на интернет-портал преку кој, како што информираа од Обвинителството, искористувајќи познанства и релации со разни профили на лица, преземал противправни дејства во континуитет.

Тој е осомничен дека сторило кривично дело – Уцена од чл.259 ст.1 в.в. чл.19 од КЗ, кривично дело – Пиратерија на аудиовизуелно дело од чл.157-б ст.1 од КЗ, две кривични дела – Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од чл.394-г. ст.1 од КЗ и кривично дело – Злоупотреба на лични податоци од чл.149 ст.1 од КЗ.

Треба да знаете
Последни објави