Кошаркарската репрезентација на Србија, предводена од МВП на сезоната во НБА лигата, Никола Јокиќ, го освоија ДББ Суперкупот во Хамбург. Србија во финалето ја декласира Германија со 83:56.
Србите имаа двоцифрена предност по првиот дел, а мечот го решија во третата четвртина која ја добија со 27:10.
Никола Јокиќ беше извонреден со 22 поени (9-10 од поле) и 5 скока за 17 минути, а Василије Мициќ имаше 14 поени (5-9 од поле) и 4 асистенции, додека Никола Милутинов додаде 13 поени и 7 скока.
За Германија, Андреас Обст постигна 12 поени, а Тиеман додаде 9. Германците играа без Денис Прудер.
Турнирот во Хамбург беше последна проверка за Србија во пресрет на квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство, против Грција на 25. август и Турција три дена подоцна.